Карта

Кај црквата ноќта меѓу 8-ми и 9 август на празникот Свети Пантелејмон се одржува црковно-народен собор, со музика од гајди, зурли и тапани – како во старо време. Болни од разни болести, кои од многу градови доаѓаат на соборот, се замиваат со лековитата вода од чешмичката, а за црквата на светецот, кој бил и лекар во своето време, оставаат подароци и колат јагниња и прасиња за здравје.

Верската традиција и верувањето во исцелителната моќ на светецот Пантелејмон како и богатата фолклорна палета „Голачки фолклорни средби“, ноќта спроти верскиот празник секоја година собира неколку илјади верници од Источна Македонија.
Традицијата, покрај истоимениот манастир на највисокиот врв на Голак, на надморска височина над 1500 метри, го следат животни приказни за чудни лекувања на болестите. Оваа вечер оздравуваат болните, се лечат раните, се спојува духовното со реалното, ѕвезденото небо со Голак, велат посетителите. Народот од Пијанец негува силен култ кон великомаченикот св. Пантелејмон. Во манастирот возобновен во 1919 год., покрај остатоците од старата црква св. Петка од 16 век, ноќта спроти празникот преспиваат верниците.

-Од памтивек Голак е најубавото место на осми и девети август. Спроти св. Пантелејмон на Голак од дамнина престојувале многу луѓе. Тоа се чини и денес. Некои престојуваат за здравје, некои да си налеат од светата водичка, други да се провеселат да запеат и заиграат – истакна собирачот на народни умотворби, Димитар Узунски, собирач на народни умотворби.
„Голачки фолклорни средби“ кои се во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево под покровителство на градоначалникот и Општина Делчево, и финансиска поддршка на Министерството за култура,секоја година удостојуваат по околу 200 учесници, десетици фолклорни групи од целиот балкан. 

-Овде на самиот врв на Голак секоја година на осми и девети август, местото станува собир на илјадници верници и негувачи на културното наследство и традиции. Започнуваат Голачките фолклорни средби како промотор на пијанечкиот фолклор и традицијата, промоција на македонскиот фолклор и македонската култура.

Види повеќе
Оди најгоре