Велосипедска патека Голак

Планинската велосипедска патека Голак е со вкупна должина од 6800 m и е поставена во највисоките делови на планината. Започнува во непосредна близина на вила „Гранит“ од каде продолжува покрај спортските терени и се искачува покрај вила „Фротирка“.

Од овде продолжува до манастирот Св.Пантелејмон, каде на еден мал дел поминува по асфалтен пат. Самиот манастир е на 1500 m надморска височина и од него се протега одличен панорамски видик во далечина. Од манастирот Св.Пантелејмон, патеката се спушта покрај „Бун чешма“ и продолжува длабоко по шумските предели на планината Голак.Заобиколувајќи го врвот Чавка (1536 m), патеката продолжува низ предел богат со растителни и животински видови, кој што е дел и од патеката на биодиверзитетот. Планинската велосипедска патека Голак има висинска разлика од 182 m, при што најниската точка е на 1322m, а највисоката е на 1504m. Главно минува по макадам, шумски пат, а на помало растојание по локалниот асфалтен пат. Патеката е обележана со информативни табли, мапа и патокази согласно стандардите за планински велосипедски патеки. Со умерено, релаксирано возење, може да се помине за околу половина час.

Види повеќе
Оди најгоре