Свети води Тработивиште

Месноста Света водае оддалечена 15-тина км јужно од Делчево, во атарот на с.Тработивиште. Самите извори се високо од десната страна на реката Брегалница. Тука од памтивек постојат 3 извори на вода. Подоцна овие извори се каптирани во чешми што никогаш не пресушуваат. За водата од овие чешми помеѓу локалното население во Делчево и регионот, постои верување дека истата има лековити и чудотворни својства, односно дека оваа вода е свете т.е. исцелителна, па затоа целата месност го добила името Света вода. Трите свети чешми се наоѓаат во прекрасен живописен амбиент, опкружени со бујна борова и дабова шума, а исконската тишина на пределот ја нарушува само жуборот на водата од чешмите, реката Брегалница, која бистра како солза се провева во клисурата подолу, и гласот на песнопојните птици кои се собираат во ладовината околу чешмите. До изворите се патува пеш низ шума и мирис на мајчина душица.

Големиот број на посетители што ги посетуваат овие извори на патот кон чешмите ги следи благопријатен падински ветар исполнет со мирисот на свежината и раскошот на богатиот растителен свет околу Секој посетител кој дојде и си наполни од водата на светите извори, верува дека таа ним и на нивните семејства им носи среќа, здравје и бериќет во текот на цела година. Трите извори односно чешми се на меѓусебно растојание од 30 до 50 метри една од друга. Најпрво посетителите наидуваат на онаа чешма што е посветена на Божјата мајка Св.Богородица, следна е водата посветена на Св.Недела и последна е Чешмата која е посветена на Св.Петка. Некогаш не така одамна на платото над Светите води на месноста викано Рамниште се одржувал собор, каде се собирал народот и со песна, ора , народни традиции и обичаи се празнувало од утро до мрак. Света вода од овие извори била носена дури и во прекуокеанските земји (Америка, Канада и Австралија) од страна на луѓе по потекло од Пијанец. Познати се повеќе примери помеѓу локалното население и кажувања според кои Светата вода од овие чешми помогнала при исцелувањето на здравствени, психосоматски и религиозни проблеми. Исто така овде кај светите води често пaти се свлужат верски обреди со свештени лица од брегалничката епархија. За светата вода кај село Тработивиште, познато е кажувањето на Стојан Димитров најстар учител од овој крај во периодот на претходниот систем на државно уредување, за одредени извесни Струмички испосници, кои имале свои келии во близината на водите во 13-тиот век. Уште во тоа време народот доаѓал кај испосниците со одредени проблеми, кои им помагале со светата вода, која и ден денешен тече на ова место.

Види повеќе
Оди најгоре