Велосипедска патека „Убавините на Пехчево на велосипед“

Велосипедска патека „Убавините на Пехчево на велосипед“ е со вкупна должина од 10 km и го поврзува градот Пехчево со трите туристички локалитети „Вртена скала“, „Делибови кашчи“ и „Јудови ливади“.

Овие три локалитети се на јужната падина на фосилната вулканска купа Буковик (1723 m)која се издига високо над Пехчево. „Вртена скала“ е позната по специфичната карпа со отвор во средината. „Делибови Кашчи“ пак е кратка пештера за која се верува дека била прибежиште на некој османлиски арамија Дели Ибо, кого локалното население го протерало поради зулумите што ги правел. Локалитетот „Јудови ливади“ е познат по инсектојадното растение муволовка. Трите локалитети се на 1100-1400 m надморска височина, а на таа височина главно е и велосипедската патека. Поради поставеноста, на дел од патеката има преубав поглед, така што во исто време може да се гледаат градовите Пехчево и Берово, потоа селата Русиново, Владимирово, Мачево, Робово и др. На оваа патека се поставени повеќе едукативни табли кои содржат информации за карактеристиките на одредени растителни и животински видови од брегалничкиот регион. Истата е маркирана, со повеќе патокази, канти за отпадоци, а изготвена е и мапа за олеснато движење. За полесно снаоѓање по оваа, но и другите патеки, Општината Пехчево има 7 обучени локални водичи во природа, кои се секогаш тука за на посетителите да ги покажат убавините на Пехчево и околината.

Види повеќе
Оди најгоре