Пехчевски Водопади

Пехчевски Водопади, се наоѓаат на десетина километри југоисточно од Пехчево, во горниот, изворишен дел на реката Брегалница. Реката овде е длабоко всечена помеѓу планината Влаина на север и Малешевски Планини на југ, така штона некои места има кањонест изглед.

Токму тука се создале5 поголеми водопади и бројни каскади на Брегалница и нејзините притоки, каде чистата и студена вода весело жуборејќи го пренесува зборот за убавините на Малешевијата. До водопадите се доаѓа по локалниот асфалтен пат од Пехчево до туристичката населба Равна Река.Следејќи ја долината, прв е Спиковски водопад на Спиковска Река, десната притока на Брегалница. Кон водопадот висок 8 m, води добро уредна пешачка патека долга 500 m, со поставени летниковци и клупи за одмор. Потоа следува Црндолски водопад на истоимената притока на Брегалница, висок околу 5 m. Уредната пешачка патека што води до овој водопад e долга околу 400 m, со многу летниковци и места за одмор на посетителите и е доста погодна за пешачење.

Скокото е третиот водопад кој се наоѓа на самата река Брегалница веднаш по спојувањето на Љутачка и Ж’тачка Река. Водопадот е висок околу 7 m и располага со големо количество вода. До самото место води уредена пешачка патека со должина од околу 1500 m. Водопадот на Љутачка река е четвртиот по ред, со височина од околу 10 m. По патот до него има поставено клупи за одмор. Петтиот и последен поголем водопад е Ж'тачки водопад на истоимениот поток, кој со своите 14 m е највисок. Иако долго време не била позната нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата и за туристите. Сите водопади изобилуваат со планинска убавина. Водопадите се пристапни, означени со добра сигнализација и инфо-табли. Целиот простор е убаво уреден, во прекрасна планинска област со густи шуми и чист воздух.

Види повеќе
Оди најгоре