Општина Пехчево

Општината Пехчево се наоѓа јужно од Делчево, во крајниот источен дел на државата, покрај самата граница со Бугарија. Всушност најисточната точка на општината кај врвот Ченгино Кале (1745 m) е најисточна точка и на Република Македонија. Инаку, општината Пехчево е сместена помеѓу Беровската (Малеш) и Делчевска Котлина (Пијанец), на надморска височина од околу 700 до 1932 m.

Административно граничи со општината Берово на југ и општината Делчево на север, а на исток со општината Симитли во Бугарија. Општината ја сочинуваат вкупно 7 населени места, градот Пехчево и 6 селски населби (Панчарево, Црник, Негрево, Умлена, Чифлик и Робово) во кои живеат нешто над 5000 жители (од кои 3200 жители во градот Пехчево). Комуникациски е добро поврзано со регионални патишта кон Делчево, Берово и Виница (Кочани), а оддалеченоста од Скопје изнесува 170 km или 2,5 часа возење. Исто така, асфалтни патишта има до секое село во општината, потоа до туристичкиот локалитет Равна Река и други локалности. Вкупната патна мрежа во општината Пехчево изнесува над 150 km

Во однос на природните карактеристики, без оглед на малата површина, општината Пехчево е доста интересна и разновидна. Во геолошки поглед овој простор е изграден од карпи со различна старост и тоа од најстари прекамбиумски карпи (гнајсеви), преку помлади палеозојски карпи (шкрилци, гранити), до најмлади седименти. Релјефно, општината е отворена широко кон север (делчевско) и југ (беровско), а на исток и запад се издигаат средно високи планини и тоа Влаина (1932 m) и Малешевски Планини (1803 m) на исток и малата планина Бејаз Тепе (1348 m) на запад. Планините имаат заоблени врвови и била, но доста стрмни страни. Покрај планините, за овој простор е карактеристична долината на реката Брегалница која е длабоко всечена помеѓу Влаина и Малешевски Планини. Како резултат на силното всекување на Брегатница и нејзините притоки во шкрилците и гнајсевите, долж речните корита се создадени бројни брзаци, мали слапови и водопади високи до 14 m. Водопадите се мали, но атрактивни и привлекуваат се повеќе туристи, посебно откако се уредени со патокази, клупи и пристапни патеки.

Атрактивни релјефни форми во општината Пехчево се изградени со долготрајна ерозија во седиментните карпи и акумулација на нанос. Такви се бројните интересни и уникатни форми во вид на долови, мелови и земјани пирамиди. Особено се интересни меловите во долината на Црничка Река на чии страни има помали земјени пирамиди кои се привлечни за фотографирање и набљудување. На 7 km источно од Пехчево, во пазувите на Буковик и врвот Орловец, се наоѓа карактеристична карпа кај народот позната како „Вртена скала“, за која има разни верувања и легенди.

Климата на општина Пехчево е континентална со умерено топли лета и студени зими. Преку лето климата е доста пријатна, често и свежа особено во шумските планински подрачја. Како резултат на присојните (јужни) експозиции, осончувањето изнесува околу 2450 часа годишно. Температурите се движат од -25°С во зимскиот период до преку 30°С во месеците јули и август, меѓутоа поради височината, околните планини и шуми, многу ретко надминуваат 35°С. Врнежите изнесуваат околу 600-700 mm годишно и главно паѓаат во месеците мај и ноември. Во зимскиот дел од годината тие се во вид на снег, особено во повисоките планински подрачја. Воздухот е доста чист, свеж, а во шумските делови има голема концентрација на кислород, поради што делува терапевтски како „воздушна бања“.

На подрачјето на општината Пехчево има десетици слаби, но студени слабоминерални извори. Дел од нив се зафатени за чешми и за водоснабдување. Речната мрежа се состои од околу 100-тина водотеци со вкупна должина е 540 km, главно периодични или повремени и со пороен карактер. Најдолги водотеци на подрачјето од општината се: Брегалница, Желевица, Пехчевска Река, Панчаревска Река и други. На подрачјето на општината нема езера, освен поголеми локви во највисоките делови на Малешевските Планини во близина на Ченгино Кале.

Вегетациски, најголем дел од општината Пехчево е покриен со листопадни, иглолисни и мешани шуми. Во изворишниот дел на Брегалница се застапени густи природни комплекси на букови, борови и елови шуми, што е реткост за источниот дел на Македонија. Покрај шумите, голема површина зафаќаат пасиштата, а се јавуваат и повеќе раритетни растенија како што е „муволовка“ (Drosera Rotundifolia) која ги „зграбува“ инсектите што ќе застанат на нејзиниот цвет. Во овој простор има повеќе лековити растенија и пеќурки кои ги користат локалните жители. Животинскиот свет е доста разновиден особено во густите шумски подрачја, каде се јавува крупна дивеч, ситни цицачи, разни птици и др.

Покрај интересните природни карактеристики, општината Пехчево е примамлива по архаичните селски населби, обичаите и начинот на живот во нив, како и по бројните манифестации.

Самото гратче Пехчево е доста живописно и со долга историја. Со своите 1000 m, тоа е втор највисок град во Македонија, веднаш по Крушево (1220 m). Постанокот на Пехчево според народните преданија и расположливите пишувани документи е поврзан со доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров. За постоењето на оваа старата населба зборуваат и многуте имиња и темелите на старата римска населба во која се топела рудата од околните рудници. Според жителите на Пехчево токму по тие печки населбата го добила името.Податоците за овој крај велат дека градот според занимањата на жителите бил поделен на три маала. Во маалото Катеринци, најгоре во близина на пасиштата, живееле сточари. За да се дојдело до тоа маало, луѓето морале да се “катарат” или искачат. Во Горно маало живееле трговците и занаетчиите, а долномаалци биле земјоделци и градинари.

Развојот на туризмот и угостителството во последно време го има главното место во подемот на општината Пехчево. Како туристичка населба се издвојува „Равна река“ во чија близина се наоѓаат „Пехчевските водопади“, „Чабуковски водопади“, потоа водопадите „Дебел рид“ и „Црн дол“. Во близина се наоѓа и шумскиот парк „Скокото“ со истоимениот водопад. Овде се изградени два мотели: Загорка и Идила кои располагаат со сопствени рибници во кои се одгледува калифорниска пастрмка. Овој локалитет располага и со приватни вили за сместување, спортско игралиште за фудбал и кошарка, базен во рамките на мотелот Идила, место за пикник (летниковци), патеки за велосипеди и пешачки патеки. На територијата на Малешевијата има маркирано пет пешачки патеки. Дел од пешачките патеки може да се искористат и за планински велосипедизам. Доколку немате сопствен велосипед, може да изнајмите во туристичкиот центар на градот Пехчево. Можеби најинтересна патека е онаа која ги поврзува најјужниот и најсеверниот дел на Малешевијата со вкупна должина 45 km, денивелација од 730 m и време на минување од 12 часа. Заради должината и трансверзалниот карактер на патеката, препорачливо е користење на локани водичи. Густите шуми испреплетени со патеки ќе ве однесат до Раковец, каде што се наоѓала старата римска рударска населба. Во средновековието населбата била важен стопански и административен центар. Се верува дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што браќата Кирил и Методија ја создале глаголицата, најстарото писмо на Словените. Во самиот град Пехчево, во чест на празникот Павловден, традиционално се организира „Фестивалот на дувачки оркестри“ кој има за цел да ја промовира традиционалната музика и на дувачките оркестри да им овозможи поголема афирмација. Од година во година, оваа манифестација станува сѐ помасовна со гости и посетители од Македонија, но и од странство и полека, но сигурно прераснува во една од најголемите од таков вид во Македонија. Заради зголемување на туристичката посетеност, неодамна во градот е отворен современ хотел-ресторан Гогов, кој со апартманскиот дел има капацитет од 80 легла. Одличната услуга, традиционалната храна, уреденоста и примамливите цени се причина повеќе да се посети овој хотел во центарот на градот и подобро да се запознае Пехчево и околината.

Сето наведено укажува дека на така мала површина што ја има општината Пехчево, има вистинско богатство од атрактивни природни и културно историски објекти. Во последно време овие убавини стануваат достапни за туристите преку подобро уредување, изградба на сместувачки капацитети, поголема промоција и воопшто сите напори што ги прават општинските структури. Затоа одвојте од вашето време и посетете ги прекрасните подрачја и убавини во пехчевско од кои ќе се вратите навистина восхитени.

Види повеќе
Оди најгоре