Општина Делчево

Општина Делчево се наоѓа во крајниот источен дел на Република Македонија, на границата со Бугарија. Зафаќа вкупна површина од 423 km2, на која живеат 17 500 жители. Општината има 22 населени места и тоа: градот Делчево и селата: Бигла, Ветрен, Вирче, Вратиславци, Габрово (Делчевско), Град (Делчевско), Драмче, Ѕвегор, Илиово, Киселица, Косово Дабје, Нов Истевник, Очипала, Полето, Разловци, Селник, Стамер, Стар Истевник, Тработивиште, Турија и Чифлик (Делчевско). Градот го носи името на гордоста на македонскиот народ - Гоце Делчев и во него живеат 11 500 жители. Во минатото општината била позната и под името Царево Село.

Иако оддалечена од главниот град Скопје, општина Делчево има релативно добра географска положба и сообраќајна поврзаност. Тоа е крстосница за источниот дел на Македонија. Преку Пехчево (27 km) и Берово (34 km) е поврзано со Струмица на југ, а преку Македонска Каменица (22 km) и Кочани (48 km) е поврзано со Штип на северозапад. На запад се наоѓа Виница, а граничниот премин кон Бугарија „Арнаутски гроб“ е на исток, оддалечен 11 km. Сите рурални населби и рекреативниот центар Голак, со градот се поврзани со асфалтни патишта од регионален и локален тип, додека, пак, до граничниот премин е изграден современ магистрален пат. Најоддалечено населено место од општинскиот центар е историското село Разловци (17,5 km).

Релјефно, општината Делчево е сместена во Пијанечката Котлина, помеѓу планината Голак (1536 m) на запад, ограноци на Влаина на исток, Осоговски Планини на север и малата планина Бејаз Тепе (1348 m) на југ. Низ средишниот дел на општината, од југ кон север тече главната водна артерија на областа, реката Брегалница. Нејзината долина, по излезот од Разловечката Клисура, до Очипалската Клисура е проширена, со зарамнето и плодно долинско дно, каде се оформиле најголем број од населбите и самиот град Делчево. На делот низ Пијанец, односно на територијата на општина Делчево, Брегалница има бројни кратки притоки кои се спуштаат од околните планини. Некои од нив се длабоко всечени, со клисурест изглед и мали, но атрактивни кањонски делови. Според тоа, релјефот на општината е „разигран“, во централниот дел зарамнет, а кон периферијата ридест до планински. На неколку места се јавуваат мали карстни области со 2 интересни пештери во варовници. Климата е континентална, со релативно студени зими и топли лета. Просечната годишна температура изнесува од 10,8°С во градот Делчево до 6-7°С на повисоките планински делови, додека врнежите се движат од 600 mm во градот до 850 mm на највисоките подрачја. Освен Брегалница како главна река, во општината значајни се и нејзините притоки: Желевица, Лошана, Петрашевец, Граштица, Звегорска, Габровска Река и др., сите со должина од 8-20 km. Покрај реките, има неколку мали вештачки езера: Лошана, Петрашевец, Сандански, како и крајниот југоисточен дел од големата акумулација Калиманци. Истите се користат главно за наводнување, за риболов, а во последно време и за туристички цели. Вегетацијата е доста разновидна, со присуство на листопадни, иглолисни и мешани шуми, бројни лековити и ендемични растенија, габи и др. Животинскиот свет е присутен со бројни видови на рбетници (риби, водоземци, влечуги, птици и цицачи) и безрбетници, карактеристични за овие географски широчини.

Општината Делчево, со богатотоприродно и културно-историско наследство, со села со зачувана селскаархитектура, старите обичаи и манифестации, во последните години прави исклучителни чекори на полето на туризмот. Ценејќи дека оваа гранка има реални потенцијали за развој иможе да биде една од носечките во локланиот економски развој, се вложува значителен напор за зголемување на туристичката понуда.Во оваа насока, во изминатите годиниинтензивно се работи на развој на туристичка населба Голак, до каде е изграден нов асфалтен пат и нови содржини како што се планинска велосипедска патека, едукативни патеки за деца, патека на биодиверзитетот и др. Воедно се планира изградба на зимски рекреативен центар со нови ски патеки и ски лифтови на самата планина. Во 2014 година е изработен и усвоен Стратешки план за локален економски развој, каде се дефинирани потребите, но и вредностите на локалната заедница, а во него туризмот има значајно место.

Покрај стратешките документи и студиите, кои ги даваат основните предуслови за развој на туризмот, Општината презема и конкретни активности во делот на промоција на Делчево како интересно место за посета. Во изминатиот период се истражени бројни археолошки локалитети на територијата на општината и пронајдените предмети се валоризирани и формирана е археолошко-етнолошката збирка сместена во спомен- домот АСНОМ.

Во 2007 годинапошироката јавност беше фасцинирана од откритието на фосилни остатоци од жирафа, мастодонт, антилопа и сл. стари од 3 до 10 милиони години, во с. Стамер кај Делчево. Научници од Македонија, Франција и Бугарија планираат да работат на истражување на овој палеонтолошки локалитет кој во иднина ќе биде туристичка атракција. Истата година имаше уште едно значајно откритие: погребната обредна бронзена кочија, пронајдена во локалитетот Могила во с. Очипала кај Делчево, оценет како локалитет од исклучително значење за македонската археологија. Тоа ја смести општината на насловните страни на дневните весници и на ударните вести на националните телевизии. Тргнувајќи од сите овие откритија,но и од сознанијата дека тука лежи уште поголемо културно и природно наследство, локалната власт во градот Делчево отвори локален музеј „Пијанец”. Во него ќе бидат изложенипронајдените значајни предмети и други артефакти кои потекнуваат од Пијанец, достапни за сите заинтересирани посетители.

Значајна атракција која побудува голем интерес е народниот вековен обичај под маски „Сурва”, кој и ден денес автентично се чува во пограничното село Ѕвегор. Ова живо наследство е традиција која со низа обредни игри се одржува на првиот ден од Стара Нова Година, Василица. Во близина на селото е познатиот локалитет Илин Камен – карпа за која се врзани бројни преданија и верувања. Пиајнечкиот идентитет црпен од старите времиња верно го чуваат во своите настапи играорците од најстарата фолклорна група „Копачката” која е бисер на пијанечкиот и воопшто на македонскиот фолклор. Членовите на групата го негуваат изворното народно оро КОПАЧКА, што потекнува од с.Драмче. Истото, не само што е прогласено за национално културно богатство, туку од страна на УНЕСКО е заштитено како светско културно наследство.

Значајно место во културните настани, вредни за посета на туристите е и меѓународната манифестација „Голачки фолклорни средби”, која се одржува секоја година на 8 август, спроти верскиот празник св.Пантелејмон, на планината Голак, поточно на највисокиот врв Чавка. Оваа ноќ, под отвореното небо со ѕвезди, се собираат илјадници жители од целиот регион покрај манастирот Св.Пантелејмон за кого се верува дека има исцелителна моќ. Во делот на манифестации, централно место во Делчево се завршните денови на културната маѓународна манифестација „Гоцеви денови” во чест на револуционерот Гоце Делчев, чие име го носи градот. Треба да се споменат и селото Разловци кое чува спомени од познатото Разловечко востание, село Град со околните остатоци од средновековни тврдини и бројни други места во Делчевско интересни за посета. 

Види повеќе
Оди најгоре