Локалитетот „Јудови ливади“

Локалитетот „Јудови ливади“ е оддалечен 2 km североисточно од Пехчево, во подножјето на Буковик (1723 m), на околу 1100-1200 m надморска височина. Се одликува со единствена флора на територијата на општина Пехчево и пошироко.

Имено, на тресетиштата и влажните ливади на овој простор се развива инсектојадното растение муволовка (Drosera rotundifolia) кое многу ретко се среќава на територијата на Република Македонија, но и на Балканот. Растението се храни со инсекти кои се привлечени од неговата светлоцрвена боја и трепките облеани со капки на слатка и леплива супстанција. Преку исхраната со инсекти,муволовката ги надоместува нитратите и други хранливи соединенија кои не може да ги обезбеди од почвата. Растителните екстракти покажуваат големо антивоспалително и антиспазматично дејство.Покрај муволовката, на локалитетот се присутни значајни растителни заедници со многу ограничено распространување во останатите делови на Република Македонија. Локалитетот Јудови Ливади е единствено наоѓалиште во Македонија на реткиот и реликтен вид тврдокрилец Pterostrichus apfelbecki кој има ареал на распространување по влажни живеалишта во Европа и Мала Азија. Вилинските коњчиња се претставени со неколку широко-распространети видови.Присутни се и неколку видови водоземци и влекачи.

До локалитетот Јудови Ливади води солидна пешачка и велосипедска патека која тргнува од Пехчево. Со оглед на малата оддалеченост од градот, ќе ви бидат потребни најмногу половина час за да го посетите локалитетот и да ја видите сета природна раскош во него.

Види повеќе
Оди најгоре