Кукуље кај с.Тработивиштее

Кукуље кај с.Тработивиштее уште една интересна појава на земјени пирамиди (камени кукли) во областа, штосе наоѓа на 3 km југозападно од с.Тработивиште. До кукуљето се доаѓа преку локалниот асфалтен пат од с.Тработивиште до с.Разловци. Пред с.Разловци се скршнува кон запад, по земјен пат, во правец на акумулацијата Лошана.

Потоа се искачува на ридесто возвишение, на надморска височина од околу 850 m, од каде се здогледува кукуљето. Тоа е една природна композиција на скаменети „сватови“, односно геоморфолошки форми настанати со повеќевековна ерозија.

Јасно може да се видат околу 20-тина „кукли“ високи по неколку метри, со жолтеникаво-сивкаста боја од седиментните слоеви од кои се изградени. Со текот на времето, постарите „кукли“ ерозијата ги уништува, но покрај нив постепено се создаваат нови, уште поинтересни. Легендата пак вели дека некоја свадбена поворка на својот пат била пресретната од Господ, кој им се обратил за помош и побарал од нив малку храна и вода. Но сватовите го одбиле и понижиле, по што Господ за казна ги скаменил за век и векови. Сватовите му фрлиле камен, а Господ им рекол „камења да се сторите“. Како и да е, освен што ќе ве фасцинираат мистериозните камени форми, од овде ќе уживате со погледот кон Пијанец и долината на Брегалница.

Види повеќе
Оди најгоре