Коњска Дупка

Коњска Дупка е кратка пештера што се наоѓа кај с.Град, 7 km југоисточно од Делчево. Според досегашните сознанија, таа е најисточната пештера во Република Македонија.

Создадена е во варовнички карпи кои се појавуваат на мала површина веднаш покрај селото Град. Влезот се наоѓа во стрмните карпи на левата долинска страна на Вачин Дол и е пристапен по делумно обезбедена патека. Самиот влез е широк, а таков е и почетниот внатрешен дел кој претставува мала пештерска сала, долга 12 m и широка околу 3-4 m. На крајот од салата, на левата (северна) страна, речиси вертикално се искачува еден канал со должина од 8 m. Истиот излегува на површината, поточно на едно зарамнување десетина метри над влезот во пештерата, но е многу тесен и непрооден.

Сиромашна е со пештерски накит, меѓутоа пронајдени се археолошки траги од некогашно човечко присуство. Покрај тоа, присутни се пештерски инсекти и неколку лилјаци од видот тробоен ноќник. Без оглед на малата должина од само 28 m, пештерата Коњска Дупка и целиот простор околу неа се многу интересни. Посебно е восхитувачки погледот од влезот на пештерата кон стрмните карпи во долината на Вачин Дол и кон селото Град.

Види повеќе
Оди најгоре