Киселичка пештера

Киселичка пештера е уште еден природен уникат на Пијанец и со своите 108 m должина, претставува најдолга пештера во овој краен источен дел на Република Македонија.

Се наоѓа на7 km северозападно од Делчево, во атарот на селото Киселица. До пештерата се стигнува преку асфалтен пат до селото, а потоа уште 700 m на север по добар земјен пат, се до еден поток кој се влева во Селничка Река. Покрај потокот води патека, по која се доаѓа под варовничкиот блок во кој е формирана пештерата. Тука, може да се забележат двата влезни дела преку кои се влегуваво подземниот лавиринтод пештерски канали.

Поголемиот или горен влез е во стрмен карпест отсек, на височина од 5 m над пристапната патека, односно на 770 m надморска височина. Овој влез, кон внатре се проширува во мала пештерска сала, од која продолжуваат повеќе тесни канали. Помалиот, долен влезен дел, се наоѓа на 15 m десно (југозападно) и 4 m пониско од горниот влез и се состои од два отвори во ниво високи околу 1 m. Преку тесни, но проодни канали, горниот и долниот дел на пештерата се составуваат, така што ако се влезе низ долниот, може да се излезе кај горниот влез. На дното од каналите и проширувањата има глинест материјал, а по страните се среќаваат пештерски украси, посебено калцитски сливови со беличеста боја. Во пештерата има разни интересни инсекти, а може да се забележат и лилјаци од загрозениот вид голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum). Ако налетате пак на некој локален жител, ќе чуете интересни легенди и верувања за Киселичка Пештера и нејзините „тајни“.

Види повеќе
Оди најгоре